Еколошка катастрофа во Русија
Напишано од Глигор Тодоров
вторник, 24 април 2012
Преку 2.000 тони нафта истекоа во земјата и околните реки во последните два дена за време на пробното пуштање нафта на подрачјето на Требс во руската покраина Ненетс.



Во официјалното соопштение на министерството се наведува дека екипите со големи напори сепак успеале да го запрат истекувањето на нафта, кое започна во петокот навечер, и спречиле понатамошно ширење на еколошката катастрофа во тоа подрачје.

Директорот на руската регионална Агенција за заштита на животната средина, Владимир Безумов, изјави дека истечената нафта загадила најмалку 8.000 метри квадратни површина, а на површина од 6.000 метри квадратни веќе се видливи последиците од оваа еколошка катастрофа.

Безумов изјави и дека сеуште е рано да се зборува за причините за несреќата и дека постои голема веројатност до неа да дошло поради комбинација на неисправна опрема и човечки фактор.

Најголемата руска нафтена компанија Лукоил, заедно со компанијата Башнефт, на подрачјето на Требс поседуваат околу 153 милиони тони нафта. Руските службеници за заштита на животната средина веќе најавија дека ќе подигнат тужба против Лукоил и Башнефт штом ќе се санира целото загадено подрачје.