Видео - Во Мексиканскиот залив пронајдени риби без очи, ракови без нозе
Напишано од Глигор Тодоров
понеделник, 30 април 2012
Последиците од излевањето на нафтата од платформите на Бритиш Петролеум во 2010, за флората и фауната во Мексиканскиот залив се поголеми од што се стравуваше.

Ал Џазира јавува за алармантен број на деформации пронајдени кај разни морски животни, а локалните рибари објаснуваат дека никогаш досега не се сретнале со толку страшни мутации и во толку голем број.

Многу ракчиња се најдени со тумори на глава или без оклопи, па дури и без очи, а најстрашна деформација е кога мајките ракчиња остануваат споени со телата на своите потомци.

Забележани се голем број риби без очи, дури и без очни дупки, со отворени рани, чиреви или со големи розови израстоци на главата или шкргите.

Голем е бројот на ракови пронајдени без барем една нога или со дупки во оклопот, како и деформирани оклопи чија големина не одговара на телото на ракот.

Дисперзантите користени за чистење на нафтените дамки од еколошката катастрофа се подеднакво штетни како и излеаната нафта, а заедно со нафтата, хемикалиите драстично го изменија геномот на морските животни.

Пред излевањето на нафтата, во Мексиканскиот залив имаше само 0,001% деформирани риби, додека денес нивниот процент е 20%, со тоа што во некои делови од заливот достигнуваат и до 50%.



Извор - Без Пардон