Кисела Вода со промоција на органската храна
Напишано од Глигор Тодоров
среда, 18 април 2012
Во општина Кисела Вода денеска беше промовирана брошурата за органска храна „Да ги научиме децата да направат вистински избор за себе и за животната средина“, наменета пред се за учениците од основното образование.



Изработката на брошурата и промоцијата се дел од проектот на општина Кисела Вода за едукација на наставниците и учениците од основните училишта за можностите и за потребата за запознавање на процесите и условите на производство на здравата, особено органска храна.

Во брошурата, на соодветен и применлив начин, на учениците од петто до седмо одделение им овозможуваме да добијат основни сознанија за органската храна, за здравата храна, за исхраната воопшто, како и за тоа кои се погодностите за здравјето и за нормалниот живот, изјави Живко Георгиевски, координатор на проектот „Да ги научиме децата да направат вистински избор за себе и за животната средина“.

Тој изрази надеж дека учениците од овие одделенија ќе бидат следните промотори на здравата органска храна.

Искуството покажува дека децата имаат најголемо влијание за прифаќање на новите работи. Кога тие дома и во училиште ќе кажат - сакаме да се храниме поздраво, тогаш сме ја постигнале целта да имаме поздрави генерации. Тоа е основната идеја, потенцира Георгиевски.

Според него, преку вакви училишни активности ќе може да се обезбеди поголема популарност на органската храна која, како што рече, сега засега по маркетите и на пазарите е прилично поскапа од онаа храна произведена на конвенционален начин.

Нема причина тоа да биде така, заради тоа што органското производство подразбира и поевтини средства за заштита, органски. Има пресметки дека од 30 до 40 отсто е поевтино да се произведува органски, но треба да се подготви земјиштето. Во сточарството, пак, за шест месеци може да се добијат чисто органско млеко и органско месо, изјави Георгиевски.

Тој потенцира дека ова е прв настан во Скопје и додаде оти при крај се на остварување на сличен ваков проект во неколку општини од југот на Македонија. Следни настани се предвидуваат во Полог.

На промоцијата присуствуваа наставници од основните училишта во општина Кисела Вода.

Извор - Сител