Климатските промени се морално прашање еднакво на ропството
Напишано од Глигор Тодоров
понеделник, 9 април 2012
Професорот Џим Хансен од НАСА ќе го искористи своето предавање во рамките на Меѓународниот научен фестивал во Единбург за да побара светски данок за сите емитувања јаглерод.

Спречувањето на најлошите последици од климатските промени предизвикани од луѓето е „големо морално прашање“ еднакво на ропството, според водечкиот климатски научник на НАСА, професорот Џим Хансен.



Тој тврди дека натрупувањето скапи и уништувачки последици како оставнина за идните општества е „неправда од една генерација на друга“.

Хансен, кој следната недела треба да стане добитник на престижниот Единбуршки медал за неговиот придонес за науката, најави дека во својот говор ќе побара светски данок на сите испуштања јаглерод во воздухот.

Во своето предавање Хансен ќе предупреди дека предизвикот што ќе биде поставен пред идните генерации е толку итен што мора да биде воведен еднаков светски данок за брзо да се намали употребата на фосилни горива. Тој изјави дека човештвото се соочува со природни катастрофи предизвикани од екстремни климатски услови, кои ќе се повторуваат врз големи области на Земјата.

„Ситуацијата што ја создаваме за младите луѓе и идните генерации е како да им даваме климатски систем што со текот на времето ќе им избега од контрола“, изјави тој. „Ние сме во опасност: ова што го правиме во следните неколку децении ќе влијае врз екосистемите, нивото на морето и исчезнувањето на животинските видови“.

70-годишниот Хансен се смета за еден од водечките климатски научници и еден од пионерите во предупредувањата за глобалното затоплување. Тој бил и повеќепати апсен поради протестите против користењето јаглен за добивање енергија.

Хансен тврди дека сегашните генерации имаат морална обврска кон своите деца и внуци веднаш да преземат нешто. Опишувајќи го проблемот како прашање на меѓугенерациска правда еднаква на укинувањето на ропството, Хансен изјави: „Нашите родители не знаеја дека им предизвикуваат проблем на идните генерации, но ние можеме само да се преправаме дека не знаеме, затоа што науката е кристално јасна.

Ние го разбираме циклусот: јаглерод диоксидот што го испуштаме во воздухот ќе остане на површината на Земјата и со милениуми нема да се врати во почвата. Она што нè учи историјата на Земјата е дека има граница на тоа колку можеме да го загадиме воздухот без последици за идните генерации. Не можеме да се преправаме дека не сме знаеле“.

Во својот научен труд тој тврди дека глобалниот данок на фосилни горива е најсилното оружје за да се натераат енергетските компании и потрошувачите за брзо време да се префрлат на алтернативни извори на енергија што не го загадуваат воздухот. Во поголемите земји тоа ќе значи нуклеарна енергија.

Мошне богатите луѓе што бесрамно трошат најмногу енергија, луѓето со неколку големи куќи, приватни авиони и автомобили што голтаат гориво, ќе бидат принудени да ги менуваат своите навики.

А парите што ќе бидат собрани од ваквиот данок ќе бидат користени за да се наградат оние што ќе користат „зелени“ технологии и за развој на извори на енергија со ниска емисија на јаглерод.

Хансен изјави дека актуелните обиди да се намалат емисиите на јаглерод се „целосно неефективни“. Со светскиот данок, механизмите за контролирање на употребата на фосилни горива би им биле одземени на индивидуалните земји што се под влијание на енергетските компании и политичарите што се тепаат да победат на изборите.

„Проблемот не може да се реши со индивидуални промени, мора да биде глобален данок што ќе ги казнува загадувачите. Не можеме само да кажеме дека имаме климатски проблеми и решавањето да им го препуштиме на политичарите. Тие очигледно се под влијание на индустријата на фосилни горива и смислуваат разно-разни детски решенија, кои не се решенија. Тоа е вистината“, заклучува Хансен.

Извор:МКД.мк